ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нови обвинувања против поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Аздисаноста на Бисера Антоанета не сопирала, продолжуваме со нови детали за патувањето во Виена и трошењето пари на граѓаните за приватни цели“ велат од партијата.
Како што наведуваат, ексминистерката на патувањето во Виена со неа имала и другарка.
„Расипништвото на СДС нема крај. Нивната Бисера Антоанета, поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска за време на патување во Лондон си купувала чорапи, хулахопки, мечиња, топки за „службени цели“, била на нејасно патување во Виена и наместо да потроши околу 450 евра за сместување, таа си изнајмила стан за 1200 евра за да има кај да ја смести и другарка и да прошетаат заедно низ Виена.
И сето ова го правела со пари на граѓаните. Бисера Антоанета трошела народни пари за лични цели и за другарки за да и прават друштво. Бисера Антоанета мислела на се, само не на државата, на промовирање на Македонија и слично.
Дополнително резервацијата за станот во Виена ја направила другарка и Марија Магдалена Петковска Микаровска, професорка по англиски јазик од Битола. Тоа се гледа од копијата на резервацијата која ја доставила до Министерството за култура за да ги оправда потрошените средства.
Бисера Антоанета треба да одговори на низа на прашања како зошто ја шетала другарка и со народни пари, кој се одел со неа на службените патувања, зошто трошела народни пари за приватни цели?
Бисера Антоанета треба да одговара“ порачаа од владејачката партија.