„Република Македонија е се подалеку од европските демократски стандарди. Во Македонија се изрекуваат затворски казни заради напишан новинарски текст, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
“Одлуката на судот со која на три месеци затвор или условна осуда од една година се осудува уредникот на неделникот „Република“ за објавен текст е правен преседан и притисок врз слободните медиуми. Oва не е првпат со насилства и притисоци да се заплашуваат новинарите на „Република“. Новинари на „Република“ беа напаѓани од страна на непознати лице пред седиштето на СДСМ, случај кој не е расчистен. Јавноста се уште не знае дали е санкциониран и поранешниот директор на УДБА Бабановски, кој насилно влезе во редакцијата на медиумот и им се закануваше на новинарите дека сите ќе завршат на Дрисла“, рече Иван Јорданов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој тврди дека слободата на мислата и слободното новинарство не смеат да бидат жртва на политиката.
„Граѓаните мора да знаат кој е нарачателот на оваа срамна затворска пресуда која го поткопува новинарството. СДСМ ветуваше живот, слобода и демократија. СДСМ ветуваше слободни медиуми. Наместо тоа добивме заробени медиуми со новинари во страв да не бидат затворени за пишан збор. Цензура и притисок врз медиумите не смее да има. Притисокот врз медиумите не смее да стане наше секојдневие. Република Македонија е демократска држава и заслужува слободни медиуми кои ќе ја информираат јавноста – додава Јорданов.