ВМРО-ДПМНЕ бара ревизија на судски пресуди: Судијката беше главен извршител на СДСМ

by Фокус

Јавноста е шокирана од настојувањето на Кривичниот суд да ја оправда својата одлука со која лице, кај кое биле пронајдени над 80 пакувања амфетамин, било третирано со воспитна мерка наместо со построга санкција. Наместо да ја преземе одговорноста за очигледниот пропуст, судот продолжува да го брани својот став, дури и по тоа што истиот сторител, на слобода, предизвика трагедија со одземање на невин живот, рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова однесување повторно ја оправдува катастрофалната оценка што граѓаните му ја даваат на судството – „двојка минус”. Наместо да биде чувар на правдата, македонското судство повеќе се грижи за формални оправдувања отколку за вистинска правда. Судијката која ја донесе скандалозната одлука за ослободување на сторителот не е непозната за јавноста. Во изминатите седум години беше главен извршител на политичките монтирани процеси на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, носејќи драконски казни за политички неистомисленици, додека криминалци и нарко-дилери блиски до поранешната власт добиваа поблаги санкции или беа ослободувани.

Овој случај е дополнително скандалозен затоа што сторителот бил третиран како „млад возрасен”, категорија што судството ја користи за да доделува поблаги санкции, иако се работи за полнолетно лице кое веќе извршило сериозно кривично дело. Наместо да се земе предвид количината на запленетата дрога и ризикот што го претставува, судот решил да примени воспитна мерка, со што овој случај заврши со фатални последици – рече Лефков.

Тој оцени дека ова не е првпат судот, под влијание на СДСМ, да носи одлуки што завршуваат со човечки трагедии.

– Потсетуваме дека истото се случи кога нивниот човек, Зоран Милески-Кичеец, беше пуштен од затвор пред време, а потоа направи страшна сообраќајна несреќа кај Стража во која загина човек. Останува прашањето – колку други вакви случаи има за кои јавноста не знае? Колку други блиски луѓе до СДСМ биле пуштени на слобода, наместо да одговараат пред законот? Дали судството стана инструмент за заштита на одредени интереси наместо да биде гарант на правдата? Судството мора да престане со практиката на селективна правда и конечно да работи во служба на граѓаните, а не на одредени политички и криминални структури – истакна Лефков.

Поврзани новости