ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратеничките групи и пратениците во Собранието да ги поддржат предлог-измените на Законот за средно образование што се доставени до Собранието. Овој предлог-закон, е со цел да им се излезе во пресрет на барањата на средношколците кои, во услови на пандемија, бараат бројот на предмети за полагање матура да се скратат од четири на два.
„Сметаме дека нивните барања се оправдани, со оглед на фактот што образовниот процес се одвива во вонредни услови поради пандемијата. Учебната 2020/2021 година почна со еден месец задоцнување, со скратени програми и скратено времетраење на училишниот час. Дополнително, учениците во оваа учебна година немаа можност за реализација на целосна практична настава и поради отсуството на соодветни технички услови за следење на образовниот процес кај дел од нив. Поради тоа, со ваквите измени, не само што ќе се дефинира бројот на предмети за полагање туку и ќе се утврди времетраењето на важноста на овој закон. Патем, ваков сличен пример за измени на системите за полагање на испити се применети и во други европски земји како Белгија, Франција Обединетото Кралство, Ирска… Жалиме што Министерството за образование и наука предводено од министерката Мила Царовска немаше слух да излезе во пресрет на објективните и оправдани барања на средношколците и затоа на овој начин ќе ја исправиме штетата од нивната ароганција“, велат од опозицијата.