ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради како што велат, тоа што не може да се открие кој стои зад лажните дојави за бомби.
-Пораки кои се испраќаат се застршувачки со предупредување дека ќе се разнесат сите, а МВР се уште нема конкретни информации кој се заканува. Исто така, апсурдни се изјавите и фалбите на Спасовски дека безбедносната состојба е стабилна и нема никакви индиции за нарушување, дека реформите во безбедносните служби се успешни, а од друга страна се уште нема разрешница на целиот случај. Воедно, најмалку што може да направи во овој момент Спасовски е да покаже барем малку морал и доблест и да си поднесе неотповиклива оставка. Безбедноста на граѓаните мора да биде пред и над се, стои меѓу другото во партиското соопштение од најголемата опозициска партија.
Лажни беа вчерашните закани со бомби во Министерството за надворешни работи, трговскиот центар „Ист Гејт“, комплексот од највисоките згради во Скопје „Џевахир Сити“ и неколку училишта.
Извршени се проверки во врска со пријави во училишта и други објекти во Скопје и Кавадарци, на чија е-маил адреса пристигнала порака со закана со експлозивна направа, при што е утврдено дека се работи за лажни пријави.
На електронските адреси на скопските училишта речиси секој ден од 26 октомври пристигнуваат заканувачки мејлови. Во последните неколку дена дојави за бомби почнаа да добиваат и училиштата во градовите во внатрешноста, на 7-ми декември Народната банка на Северна Македонија, а вчера по вторпат и ТЦ „Ист Гејт“.