Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и утрово побара министерот за здравство Венко Филипче да си поднесе оставка.
Од партијата го обвинуваат дека си тера пиар кампања за носење маски, наместо да се носат други поконкретни мерки.
-И додека Заев и Филипче се држат само до носи маска, државите во Европа спроведуваат многу конкретни мерки. Но, кај нас Заев и Филипче чекаат?! Така велат самите. Додека Заев и Филипче чекаат и си ги тераат бизнисите, граѓаните се оставени сами на себе. Ниту политичката Комисија за заразни болести не знае очигледно ништо повеќе од носете маски. Затоа за оваа ситуација кога има повеќе од илјада лица починати и сме високо на листата по починати лица на милион жители мерката е јасна – Филипче да поднесе оставка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, го обвинуваат опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека глуми загриженост, а во период кога цела Европа ја тресе коронавирусот тој организира протести за да си ја спаси фотелјата.
-Во време кога есенскиот бран на пандемијата со коронавирусот ја тресе цела Европа, а сите напори се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните, само губитникот Христијан Мицкоски се радува и се обидува да спечали евтини политички поени за да си ја спаси фотелјата во белиот дворец. Додека глуми загриженост за состојбата со коронавирусот, Мицкоски го малтретира своето членство со таканаречени протести загрозувајќи го и нивното и јавното здравје, велат од СДСМ.
Социјалдемократите порачуваат Мицкоски да си го одржи предизборното ветување и да поднесе оставка бидејќи, велат, ноти победи на изборите ниту формираше влада.