Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија денеска до Државната комисија за спречување корупција поднесоа барање за мислење во однос на собраниската расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зрлевски.
Тие очекуваат Државната комисија за спречување корупција што поскоро да даде мислење дали постои законска пречка во текот на периодот од распишување на локалните избори да се расправа за точката за разрешување на Зврлевски, за која велат дека не е „итна и неодложна“.
„Собраниската седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител, почната на 5 јули, сè уште е во тек, а тоа е во спротивност со член 8-а, став 1, алинеја 4 од Изборниот законик, според кој од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори за градоначалник или членови на советот, односно до конституирање на советот на општините и на градот Скопје, не може да се почне со постапка за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а воедно почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи – се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.