ВМРО-ДПМНЕ бара градоначалниците на СДСМ парите за украсување да ги пренаменат за болнички возила

by Fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово излезе со барање до сите градоначалници од СДСМ да ги пренаменат парите кои ги планираат за новогодишно украсување за купување болнички возила и за борба против коронавирусот.

-Доколку СДСМ имаше барем малку разум, и не гледаа политички на сè, со парите за украсување ќе се купеа десетици болнички возила и други потребни материјали за болниците со цел справување со ковид-19. Затоа уште еднаш ги повикуваме градоначалниците да ги пренаменат парите од новогодишно украсување за болнички возила. Доколку не делуваат разумно, СДСМ уште еднаш ќе покажат дека не мислат за граѓаните, туку само за нивните политички поени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата како пример ги издвојуваат Општина Охрид за која посочуваат дека распишала тендер за украсување од над 21 илјада евра, како и Гази Баба која, велат, ќе украсува за над 14 илјади евра.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје веќе бараа парите да се пренаменат, но социјалдемократите, пак, порачаа дека нема да дозволат градовите и општините да бидат завиени во мрак.

-На граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот, особено во она малку време што можат да го поминат надвор, за време на празниците. „Секако оваа година значително ќе се намалат средствата што се двојат за оваа намена, со цел украсувањето да биде поскромно и прилагодено на можностите и целата состојба, одговорија тогаш од СДСМ.

Поврзани новости