Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека во услови кога имаме поразителни бројки на заразени и починати од корона вирусот и во услови кога нема доволен број на попишувачи треба да се направи електронски попис.
-Најдобар начин да се спроведе целата оваа процедура е да се направи електронски попис, кој што ВМРО-ДПМНЕ цело време го бара. Со електронски попис, без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири, а ќе може точно да утврдиме колку има население во Македонија за да нема манипулации какви што власта сега сака да прави. Така што, решение е електронски попис за да се заштити здравјето на граѓаните и да нема манипулации“, рече Николоски.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, прашан за предлогот од опозицијата за електронски попис и што со граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани, Симовски рече дека сега не може и нема намера да се размислува во насока на менување на методологијата на пописот.
-Таа е донесена и објавена во Службен весник, одобрена е од Евростат и менување на методологија не доаѓа во предвид. Во однос на било какво одбивање, Законот е прецизен, дека ова е задолжителна активност на сите и не е доброволна активност, рече Симовски.