СДСМ се обидува да направи евтин театар и да скандализира нешто што е согласно сите закони и прописи во Република Македонија. Впрочем доколку имаше нешто незаконско околу именувањето на Ѓоко Велковски, тие ги имаа и ги имаат сите законски средства вклучително и контрола врз македонското правосудство и овој случај ќе го решеа, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, СДСМ крева прашина и фабрикува случаи само за да ја дефокусира јавноста од својата неспособност поради која Македонија тоне од ден во ден.
Лилјана Божиновска, советничка во Советот на Град Скопје денеска на прес-конференција изјави дека огромен скандал е назначувањето на Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје од страна на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.
-Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по ова очигледно прекршување на законите, случајот да биде расчистен а одговорните да бидат соодветно санкционирани согласно законите. Велковски мора или да биде разрешен од функцијата Секретар на Град Скопје или да го врати советничкиот мандат, а Арсовска мора да одговара за ваквото незаконско и самоволно постапување, побара Божиновска.