Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на брифинг обвини дека бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, се обидел да изнуди 250.000 евра од фирма што добила тендер од РЕК Битола, опозициската партија денес во Јавното обвинителство ја доставила документацијата со која располага.
-До нас пристигнаа документи кои се сомнежи и индиции за огромен криминал со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, а укажуваат за притисок и закани врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев сопственици на Рубитон, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да дадат 250.000 евра во кеш на Вице во Хотел Вила Парк во Струмица. Целиот случај е пријавен во МВР, за што е изготвена и кривична пријава, но истата според нашите информации претрпела измени во ЈО или во МВР, и е изваден делот каде што се спомнува Вице. Кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава треба да утврди ЈО, исто како што треба да се утврди одговорност за рекетарите – изјави пратеникот од ДПМНЕ Миле Лефков.
Од Обвинителството за организиран криминал и гонење корупција, пак, велат дека постапуваат за овој случај, но, како што истакнуваат, треба да им бидат доставени докази за тврдењето дека дошло до промена на содржината на известувањето од Министерството за внатрешни работи.
„Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува по известувањето за кое покажувате интерес во онаа форма во која го добил во работа. Доколку некој поседува докази дека известувањето имало поинаква содржина при неговото изготвување, а потоа се направени содржински измени што би значеле извршување на кривично дело фалсификување, како и времето кога тоа е извршено, потребно е тие докази да ги достави до надлежното обвинителство“, велат од Обвинителството на чело со Вилма Русковска.