Врзување на лица со аутизам, како мерка за самиот аутизам, не постои. Сепак, во одредени случаи кога лицата со аутизам може да се изложат на опасност себеси или пак другите околу нив, може да се применат и вакви посебни мерки за осигурување на безбедноста.
Врзувањето или другите ограничувања, секогаш се применуваат како последна инстанца и истите се наложуваат со цел да се спречат потенцијални опасности и ризици по животот на пациентот и/или луѓето околу нив, дури и во најразвиените земји по светот-објави денес М-р Илчо Ефкоски, доктор специјалист по медицина на трудот, а по повод случајот со 17-годишното момче со аутизам, кое било врзувано во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар.
Тој појаснува дека е важно е да се разбере дека секој случај е индивидуален, а правилата и препораките за врзување на пациенти зависеле од повеќе фактори, вклучувајќи го статусот на пациентот, дијагнозата, моменталната состојба, специфичните околности итн…
-Здравствениот систем ни е хорор систем што се однесува до државните болнички капацитети. Но, тоа е сосема друга работа- посочува лекарот.
И министерот за здравство Фатмир Меџити, по повод случајот кој го обелодени мајката на момчето, денес пред медиумите истакна дека врзувањето се случувало во случаи кога пациентот може да биде агресивен, за да не си наштети себеси, или пак на други пациенти.
Кажа дека според протоколи, врзувањето може да се случува само на одредено време, додека пациентот прими терапија. Настанот со момчето со аутизам, кое било привремено сместено во психијатриската болница во Демир Хисар, предизвика бурни јавни реакции. Неговата мајка Салка Абдуловска за ,,Фокус” раскажа дека го однеле таму поради честите агресивни напади, бидејќи во земјава нема соодветна институција каде овие лица можат да бидат сместени, а од болницата им ветиле дека ќе можат да го смират со терапии, по што родителите ќе можат да си го земат дома.
За врзувањето дознале кога од болницата им се јавиле да си го земат, бидејќи требало да им дојде во посета делегација од ЕУ, а потоа им било кажано дека пак можат да го донесат. Кога го зеле, ги забележале трагите од врзување, а вработените им рекле дека тоа било направено со цел да не се повреди момчето за време на нападите.
Мајката отворено прашува дали и кога државата ќе изгради соодветни центри каде овие лица ќе можат да имаат привремено или доживотно сместување, и притоа да ја добиваат потребната професионална нега и грижа, а не да бидат оставени на милост и немилост.
Таа доби огромна поддршка од родители на деца со попреченост, кои тврдат дека се соочуваат со истиот проблем, а најмногу ги мачи прашањето што ќе биде со нивните деца кога тие повеќе нема да можат да се грижат за нив, и дали некогаш во земјава ќе се реши овој проблем со отворање на соодветни центри.
Вики Клинчарова