Влезот во ЕАЗА ќе значеше финансиска независност на зоолошката од буџетот на Скопје, ова е огромна штета – кажа Галетановски

by fokus

Ѓорѓи Галетановски, поранешниот директор на ЗОО Скопје, кој си замина од функцијата во периодот кога на чело на градот дојде Данела Арсовска, и во чиј мандат градината забележа неверојатен развој и успешно менаџирање, за ,,Фокус” се огласи со свој став по повод последните случувања.

За веста дека зоолошката го изгубила канидатскиот стаус во ЕАЗА – Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, за која од ЗОО Скопје се уште се немаат огласено со детали, Галетановски вели дека е огромна штета, посебно бидејќи пред да замине од функција, голем дел од условите за членство во асоцијацијата биле исполнети.

-Ние сме кандидат од 2007 година, и јас стигнав до последниот скрининг, го закажав. Но, бидејќи поднесов оставка, а во меѓувреме ги доградивме живеалиштата за шимпанзата и за фламингата и пингвините, со дино паркот, ние исполнивме голем дел од условите за влез во ЕАЗА.
Исфрлањето како член кандидат значи дека немаме право да аплицираме наредните осум години, и не смееме да соработуваме со ниту една зоолошка, дури и со таа во Белград, бидејќи и тие се кандидати.

Можеби е можна соработка со зоолошки од Русија, не знам точно, па останува соработката со етно села…
Најголема штета е што со влез на Скопје во ЕАЗА зоолошката ќе беше независна од буџетот на Град Скопје и ќе се градеа нови проекти. Голема штета! – тврди поранешниот директор.

Додава дека вработените треба да се грижат колку што може повеќе за животните кои ги имаат. Порачува дека доколку нема да може да се носат нови животни, со тек на време ќе треба да се затвори зоолошката градина.

Актуелниот директор Зоран Поповски и портпаролката на ЗОО Скопје, Тина Мицковска, се уште се немаат обратено до јавноста по повод веста која ги вознемири граѓаните.
Како потсетување, во последниве години, откако Арсовска стана градоначалничка на Скопје, во зоолошката се сменија тројца директори.

Галетановски, кој беше кадар на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, останува запамтен како еден од најпродуктивните луѓе кои во последниве децении дошле на чело на градината, а во неговиот мандат Скопје ЗОО се најде како пример за позитивно и одговорно работење во многу светски медиуми.

Вики Клинчарова

Поврзани новости