На 14-ти март во хотелот Александар Палас во Скопје ќе се одржи 21-то издание на популарниот Виенски Бал.
Како и лани, така и годинава водителка на настанот е поранешната мис на Македонија, моделот Вера Мештеровиќ, а најавено е гостување на голем број на музичари.
Балот ќе започне со точки на танчерите од ,,Прима Данца” и оркестарот ,,Johann Strauss” под диригенство на Бисера Чадловска.
Следуваат настапи на Тумбао Салса Бенд и Арт Бенд, а ќе настапат и вокалните солисти Драган Бобиќ – Дексо, Калина Велковска – Кали, девојката која што се прослави по своето учество на талент шоуто во соседна Бугарија, и Паула Ц од САД.
Исто така, ќе настапат и солистите на балетот при македонската Национална опера и балет Саша Ефтимова и Balázs Lőcsei (Унгарија).
Предвидена е добротворна лотарија, а организаторите информираат дека балот има хуманитарен карактер, односно дел од средствата од влезниците ќе бидат наменети за децата од СОС Детско село. Инаку, влезниците се продаваат по цена од 6.000 денари за маси кои се поблиску до подиумот за танцување и 4.000 денари, за маси кои се во внатрешниот дел на салата.
Во цената е вклучена шведска маса и неограничен пијалок.
Дрес кодот е ист секоја година, за дамите свечена долга тоалета, а пак за посилниот пол, смокинг, темно одело или униформа.
Кога минатиот месец од страна на Министерството за култура беа објавени резултатите од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, за хуманитарниот Виенски Бал беа одобрени 300.000 денари.
Вики Клинчарова