Македонските граѓани и странците кои имаат регулиран престој во земјава, при влез во земјава, задолжително на граничниот премин ќе треба да приложат валиден негативен PCR тест за Ковид-19, не постар од 72 часа, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи согласно протоколите коишто ги донесе Владата.
Потоа на граничниот премин треба да потпишат изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена.
-Врз основа на потпишаната изјава, од страна на овластени претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, а од припадници на МВР се врши контрола на спроведувањето на Решението за здравствен надзор и домашна самоизолација, објаснуваат од МВР.
Оние пак кои нема да приложат валиден PCR тест или ќе приложат невалиден PCR тест, од граничниот премин со превоз организиран од Владата или со сопствен превоз, со придружба од страна на припадници на МВР ќе бита спроведени во државен карантин каде ќе останат 14 дена.
-Исто така, доколку граѓаните сакат да им се направи PCR тест, на нивно барање им се овозможува од страна на овластена институција во најкраток рок да им се направи PCR тест. Оние граѓани на кои направениот PCR тест е негативен, потпишуват „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се засметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат карантинот и заминуват во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи PCR тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, велат од МВР.