Коалицијата ВЛЕН, предводена од Арбен Таравари, Биљал Касами, Изет Мeџити и Зеќирија Ибрахими, се состана во Тетово за да дискутира за спојување на делот од АА, БЕСА, Алтернатива и Демократско движење во обединет политички субјект или, како што велат, регионално политичко движење, со цел да еволуираат во симбол на национално единство на Албанците.
Притоа, од таму информираа дека одлучиле да се формира т.н. политичко координативно тело составено од 9 претставници на партиите што се дел од политичкиот сојуз, со цел, како што соопштија, постепена внатрешна интеграција заради зголемување на ефикасноста во испорака на предизборните ветувања и заедничко сихронизирано политичко делување.
„Ние ги слушаме барањата и очекувањата на гласачите. Нивната волја е ВЛЕН да стане симбол за сенародното обединување на Албанците. Затоа, следен чекор е промоција на коалиционата Комисија за прашања на изборите, именувањата и надзор на спроведување на политиките, потоа заедничка веб страна, коалициони канали за комуникација на новите медиуми, заеднички Центар за комуникации со јавноста и назначување на портпарол на коалицијата.
ВЛЕН прераснува во политички бренд кој работи исклучиво во интерес на обезбедување на сигурна иднина за Албанците. Овој процес е тргнат и нема застанување. Наша цел е ВЛЕН да прерасне во регионално политичко движење кое фокусирано ќе ги адресира потребите на Албанците преку спроведување на реалполитички чекори“, соопштија од коалицијата, која е дел од парламентарното мнозинство.
Како што изјави лидерот на БЕСА и тетовски градоначалник Касами, кој е дел од координативното тело заедно со другите партиски лидери и уште неколку претставници, ова го покажува „духот на соработка кој постои во рамките на коалицијата ВЛЕН, но и барањето на гласачите на оваа коалиција полека да се движи во насока на хомогенизација на структурите или формирање на заедничка структура“.
Иако Таравари, се уште актуелен лидер на поделената Алијанса за Албанците и министер за здравство, се споменува како најсериозен кандидат за лидер на новата политичка партија, во која под коалицискиот назив ВЛЕН треба да се обединат коалициските партнери, тој вели дека кадровскиот избор за лидерската позиција не е важен, туку битно е да има кохезија во рамки на сојузот.
Инаку, ова следува 2 месеци откако „Фокус“ објави дека текст под наслов: „Дали ВЛЕН ќе продолжи како коалиција или ќе прерасне во партија?“. Според информациите со кои располагавме, уште тогаш во ВЛЕН се водеше дебата дали оваа коалиција да продолжи да делува во досегашниот формат, односно како сојуз на партии и фракции, или, пак, да се формира нов субјект со коалицискиот бренд.
Дали ВЛЕН ќе продолжи како коалиција или ќе прерасне во партија?
Како што велат нашите добро упатени избори, има аргументите „за“ и аргументи „против“ и за едната и за другата варијанта, па се мери нивната тежина. Имено, во ситуација на фузирање на сите партии и структури во една може да се јави проблем или предизвик кој да биде лидер на новиот субјект, што, пак, зависи од нивото на довербата меѓу партиските лидери.
Инаку, тие моментално одлично соработуваат, но којзнае што може да донесе времето, имајќи во предвид дека минатото искуство покажува дека во различни периоди биле на различни страни. Од друга страна, спојувањето на партиите во еден нов субјект под називот ВЛЕН ќе го засили и дополнително ќе го промовира овој бренд, кој, според внатрепартиски проценки, станал многу силен за краток период.
Притоа, има различни размислувања и идеи дали евентуалното здружување во нов субјект да оди од горе или пак да започне како иницијатива од партиската база и ограноците, кои прво би се споиле на локално ниво, па потоа природно да дојде формирањето на нова партија. Во тој контекст, може да се прават одредени споредби со Алијанса за Албанците, која не се формираше иницијално под овој назив, туку прво беше коалиција од повеќе партии, а потоа се издвои како посебен субјект.
За потсетување, оваа коалиција ја формираше тогашното Движење за реформи во ДПА на Зијадин Села, НДП на актуелниот амбасадор во Италија Весел Мемеди и Унитети на Гзим Острени, кој се издвои од ДУИ и формираше нова партија, нешто слично како што подоцна стори Меџити. Но, по парламентарните избори во 2016 година, откако СДСМ и ДУИ формираа ново мнозинство и влада со помош и на тројцата пратеници на Алијанса за Албанците, дојде до превирања во оваа коалиција.
Тогаш, Села одлучи да формира нов субјект со коалицискиот назив, тврдејќи дека така било предизборно договорено со Мемеди и Острени, кои пак ги негираа таквите тврдења. Сепак, Села успеа да го истурка овој проект, формираше партија под називот Алијанса за Албанците и се наметна како најголема политичка сила после ДУИ. Исто така, и сега во ВЛЕН се разговара дали да продолжат вака или во нов субјект под коалицискиот назив, со таа разлика што тоа се прави по конструктивен пат и дијалог, а не по пат на конфликт.
Во меѓувреме, ДУИ одржа состанок во Гостивар, на кој партијата донесе 3 резолуции: Резолуција за легитимност; Резолуција за неопходноста од спроведување на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, заедно со уставните измени; и Резолуција за нашата политичка организација. На генералниот состанок, партијата на Али Ахмети повтори дека со загриженост ја следат „понижувачката позиција на таканаречените албански претставници во владата“, алудирајќи на ВЛЕН.
Влатко Стојановски