Влатко Васиљ: Пријавата е евтин начин да се нахранат вмровските ботови

by fokus

Ниту некогаш успеале, ниту пак сега ќе успеат да ме замолчат и заплашат. Ако порано методите беа со закани по живот, чекање пред влез, слики од син ми во градинка и посети кај сопругата на работа со закани дека ќе ме вратат во црна торба дома, денес начинот е друг, денес тие се обидуваат преку лажни афери и фабрикувани обвиненија да ме заплашат и замолчат со само една цел – очаен обид за дефокусирање на јавноста од неспособноста и разочарувањата од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е дел од реакцијата што ја објави на својот Фејсбук профил вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалникот, Влатко Васиљ за кривичната пријава што ја поднесе актуелното раководство на Град Скопје против нивните претходници од градската управа, меѓу кои и против него, обвинувајќи ги за наводна злоупотреба.

-И покрај што немам никаква директна поврзаност со наведената кривична пријава, повеќе од јасно е дека користењето и спомнувањето на моето име и презиме е само подло демонстрирање на притисок и заплашување, како и евтин начин да се нахранат вмровските ботови и сите оние што им пречи мојата критичност кон ВМРО-ДПМНЕ.

Мојата чест и углед, мојот интегритет и чесност не можат да се извалкаат и злоупотребат за евтини политички и партиски цели. Како вработен во Град Скопје ќе се воздржам од дополнително коментирање на оваа тема сè додека вистината не излезе на виделина, пишува Васиљ.

Актуелното раководство обвини дека претходното раководство на Градот Скопје платило енормна сума над 75.000 евра за изработка на Официјален веб портал на Град Скопје кој никогаш не профункционирал во целост, односно Градот платил поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено.

https://fokus.mk/1grad-skopje-podnese-krivichna-prijava-protiv-chetvoritsa-poraneshni-vraboteni/

Поврзани новости