Виртуозот на гитара Влатко Стефановски (67) по пет децении на сцената, пишувал автобиографија, и веќе биле завршени повеќето поглавја. Тоа го откри во емисијата ,,У свом филму” на ХРТ, каде зборуваше и за својот нов албум „Muscle Memory“, кој ќе бил објавен за неколку месеци.
-Мојот живот е како еден голем и многу стрмен тобоган. Поминав се и сешто, доживеав врвови во кариерата и во занимавањето со музика, но доживеав и многу драматични нешта на приватен план. Го ставам сето тоа на кантар… и во минатото на различни начини се занимавав со пишување, напишав многу интервјуа кои се како есеи, многу текстови, па можам да напишам и мемоари – вели Стефановски во емисијата за ХРТ, и признава дека не е лесно да се пишува за длабоки емоции.
Кажа дека напишал 60 поглавја, но за најтешките работи му требало да напише уште две-три поглавја, пред целиот материјал да биде предаден кај издавачите.
Како најсреќни моменти во животот ги спомна деновите кога се родиле неговата ќерка и син, а како најтешки, оние кога ги изгубил родителите, но и сопругата пред седум години, како и смртта на брат му, драмскиот писател Горан Стефановски.
Вики Клинчарова