Властољубие

by Фокус

Повеќе од три децении не важи принципот „Едно е да се сака, друго е да се може, а трето и четврто – да се направи“. Голем процент високи позиции заземат неграмотни ќускии и интелектуални евнуси. Писмените и компетентните се пикнати во ќошиња.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Би и помина „денот Д“ за (не)уставните измени според бугарски „мутренски методи со француски клуч“. На собраниската расправа, властодршците ги воспеваа како единствена шанса за пат кон Европа. Нивната егзалтираност, опозицијата ја дијагностицираше како садо-мазо синдром.

Партиски антагонизам меѓу два клана, самонаречен „проевропски“ и од нив етикетиран и сатанизиран „антиевропски“. Обединети за европски вредности, ама разединети кој пат да го фатат. Првиот со билет виа Софија, другиот директно за Брисел. Едниот лафи: „Нема алтернатива за ЕУ“, другиот реплицира: „Не по бугарски диктат“.

Фановите од „проевропската“ агитка верглаат дека Македонија не преговара со Бугарија, туку со ЕУ, па кога ќе почнел процесот, немало веќе да има гласања и вета. Џамбазите, или глумат орта-будали, или, пак, верно не се со сите.

„Антиевропејците“, поддржани од огромното мнозинство Македонци, го пеат рефренот за илузија, со непобитниот адут дека новата ЕУ-методологија овозможува Бугарија душмански да се изживува и блокира до бесвест. Двата клана никако да се сплотат, па талкаат со врзани очи низ минско поле.

Поради длабокиот шизофреничарски расцеп, гласање немаше и кругот на безизлезот се затвори. Оксиморонска политика целосно во духот на магарешки инает и грабливо алчно властољубие. Кое, пак, кога се работи за позиции и функции, резултира со лична омраза и нетрпеливост.

КОМПЛЕКС НА ИНФЕРИОРНОСТ

Властољубието е многу посилно од дрогата и комарот. Да се доберат до власт е мечтаење и опсесија на многу комплексари, кои робуваат на егоцентризмот да бидат конечно забележани. Со своите комплекси и без неопходен квалитет и капацитет, три децении влегуваат во македонската куплерајска политика.

Комплексот на инфериорност, својствен на секој со телесен или ментален недостаток, генијално го објаснува психоаналитичарот Алфред Адлер. Тој предизвикува стремеж за компензација преку пренасочување на личниот развој на други дејности.

Доколку некој е телесен или ментален инвалид и страда од дисконфор, со цел да го компензира недостатокот, ги насочува сите сили кон развивање на други квалитети, примерно да биде добар спортист, музичар, или, пак, мангуп, кримос, интересна фаца, урбан лик, инфлуенсер.

Прекумерно амбициозните ликови со скромни умствени можности прават неверојатни напори да се воздигнат и доберат до повисок општествен статус. Ако тоа им оди тешко, развиваат комплекси, кои се манифестираат различно, но сите водат кон самопотврдување. За таквите, народот вообичаено вели: „Најпосле му се оствари селскиот сон да биде некој и нешто“.

Во разнебитена Македонија се случува колапс на вредносниот систем. Тоа што беа вредности во духовната сфера, како што се образование, култура, талент и морал, се изместија во материјалната сфера на пари, имот и високи позиции.

ВЛАСТОЉУБИВИ АЉАЗИ И ЏАМБАЗИ

Колку некој е поголем медиокритет, необразован и ограничен, толку пофанатично ја љуби власта и напредувањето во кариерата, без никаква реална можност да ги процени сопствените квалитети.

Повеќе од три децении не важи принципот „Едно е да се сака, друго е да се може, а трето и четврто – да се направи“. Голем процент високи позиции заземат неграмотни ќускии и интелектуални евнуси. Писмените и компетентните се пикнати во ќошиња, а нивниот интелектуален потенцијал без исаф се задушува.

Голем дел од грабливите властољупци исползија со дипломи од приватни мерковски, далаверски, штуловски, балкански и или парауниверзитети.

До вчера непознати и изгубени во просторот и времето, се добраа до функции, што и за нив беше изненадување, па почнаа со интензивна терапија на лечење комплекси.

Првата лекција е прикривањето на инфериорноста. Дефицитот со знаење, ниската култура и умствената ограниченост ја компензираат со надмено и грубо однесување. Од дно душа ги мразат сите што ги надминуваа и бескомпромисно ги елиминираат.

Властољубиви аљази и џамбази. Со нив не бива држава, тие се далеку од европски вредности, флоскулите ги користат само како изговор да го продолжат владеењето. Нивната жед за власт е како морска вода, колку повеќе ја пијат, пожедни стануваат.

Но, народот одлучува. А, тој, нели, секогаш е во право, дури и кога греши. Овојпат, без трошка сомнеж, се покажа ептен во право со неприфаќањето на (не)уставните измени според бугарски „мутренски методи со француски клуч!“

Поврзани новости