Министерството за здравство во Газа денеска објави список со имиња, возраст, пол и матични броеви на 34.344 Палестинци убиени во израелските напади на територијата, вклучително и 169 бебиња родени по почетокот на израелската војна во енклавата на 7 октомври минатата година.
Останатите 7.613 лица вклучени во бројот на загинати, кој сега надминува 41.000, се Палестинци чии тела се примени во болници и мртовечници, но чиј идентитет се уште не е потврден.
Идентификуваните луѓе вклучуваат 169 бебиња родени по 7 октомври, како и маж роден во 1922 година, пишува Гардијан.
Документот има 649 страници, а убиените најчесто се наведени по возраст.
Над 100 страници се исполнети со имиња на жртви помлади од 10 години, а имињата на возрасните се појавуваат само на страница 215.
„За жал, имаме тажно искуство да се координираме со Министерството за здравство за жртвите на секои неколку години. Нивните бројки се покажаа како точни“, рече Фархан Хак, портпарол на генералниот секретар на ОН.
Според извештаите, повеќето од 34.344 убиени може да се идентификуваат како цивили само врз основа на возраста и полот.
Списокот на Министерството за здравство вклучува 11.355 деца, 2.955 лица на возраст од 60 и повеќе години и 6.297 жени, како и машки цивили на воена возраст.
Се верува дека околу 10.000 загинати во воздушните напади се закопани во урнати згради, поради недостиг на опрема и гориво за копање низ челичните и бетонските урнатини, соопштија палестинските здравствени власти.