За првпат во досегашната плурална парламентарна историја, опозицијата го контролира мнозинството во Комисијата за избори и именувања, едно од клучните работни тела на Собранието, кое се формира веднаш по конституирањето на парламентарниот состав.
-Законски и деловнички, само во Комисијата за следење на комуникациите опозицијата има мнозинство, додека во сите други комисии треба да има власта. Тоа е јасно регулирано, додека друга работа се претседателите на комисиите, кои може да бидат предмет на договор и на воспоставена пракса – вели за Фокус Горан Мисовски, пратеник и потпретседател на Собранието.
Како што објаснува тој, јасно и недвосмислено е пропишано дека собраниските комисии се формираат според коефициент на паритетна основа, кој предвидува дека партиите и пратеничките групи треба да бидат застапени пропорционално во комисиите, а притоа мнозинството да го имаат владејачките коалициски партнери.
-Меѓутоа, сега има ситуација парламентарното мнозинство со 64 пратеници да нема мнозинство во Комисија за избори, бидејќи пратеникот на Беса одбива да се повлече, исто како и членот на ВМРО-ДПМНЕ, додека истовремено пленумот не може да го разреши и смени, бидејќи предлогот за тоа мора да дојде токму од оваа комисија – посочува Мисовски.
Според него, ваквата ситуација, која оневозможува избор на уставни судии и спречува пополнување на многу други исклучително битни позиции, може единствено да се надмине по пат на политички договор, меѓутоа, како што потенцира, за тоа нема желба и расположение од страна на опозицијата.
-Претседателот Талат Џафери на секоја координација се обидува да се надмине ситуацијата, меѓутоа од Беса нема интерес за разговор, а исто така и од ВМРО-ДПМНЕ, ниту за надминување на ситуацијата во Комисијата, ниту пак за договор за кадровски решенија во постоечката ситуација – вели Мисовски.
КЛУЧНИОТ ПРАТЕНИК Е ФАДИЉ ЗЕНДЕЛИ
Како што веќе пишувавме, откако Беса го напушти парламентарното мнозинство, се блокираше работата на 7 собраниски комисии, вклучително и на Комисијата за избори и именувања, каде практично мнозинството го немаат СДСМ и ДУИ со новиот партнер – Алтернатива, туку го контролира опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Беса…).
Поточно, опозицијата има мнозинство во комисијата со надлежност да поднесува предлози за именувања, односно за разрешување на функционери кои ги избира Собранието, со пратеникот на Беса Фадиљ Зендели, кој јасно порача дека нема намера да се повлече и да му го отстапи местото на пратеник на Алтернатива.
–Комисиите се формираат според освоените резултати на парламентарните избори, а не според ситуацијата во даден момент, која може да се менува – рече неодамна Зендели во изјава за Фокус, додавајќи дека власта не треба да бара начин да воспостави контрола во Комисијата, туку да постигне компромис со опозицијата.
Инаку, Зендели беше потпретседател на Собранието додека Беса беше дел од власта, но по неуспешниот обид на партијата да ја урне владата на СДСМ и ДУИ заедно со опозицијата, Зендели поднесе оставка од потпретседателската позиција во Законодавниот дом и го извести Џафери дека ќе делува опозициски.
В.С.