Власта уверува дека цената на електричната енергија по Нова Година нема да се поскапи повеќе од 10 проценти, иако некои од медиумите објавија дека новата цена на струјата ќе биде повисока за 38 проценти. Економските министри уверуваат и дека ќе се обезбеди доволно количина на електрична енергија за нормално функционирање на домаќинствата.
Министерот за економија Крешник Бектеши останува на веќе изнесениот став дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто.
– Ние ги направивме сите анализи, и не само јас како министер за економија, туку и другите институции беа вклучени како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто, изјави вчера Бектеши.
За граѓаните веќе се изработуваат и нови модели во делот на одредувањето на цената за електрична енергија, но тие би важеле од јуни.
-Тие што се најранливи можеби ќе имаат намалување во делот на електричната енергија од јуни наредната година, а тие што прават потрошувачка над или повеќе од еден мегават и што трошат толку многу електрична енергија, за нив дополнително ќе се зголеми цената. Ова го зборувам за јуни, имајќи предвид дека двапати годишно носиме одлуки за утврдување на цената на електрична енергија, рече Бектеши.
И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за онолку колку што тврдат дел од медиумите.
– Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или пак поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Како што докажавме на 1 јули, така и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи.
До крајот на годината, Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука за новата цена на струјата.