Власта смирува: Ценовни шокови нема да има, имаме доволно стокови резерви

by fokus

Белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари, рече министерот за економија Крешник Бектеши и уште еднаш апелира да не се крева паника меѓу граѓаните зашто ценовни шокови нема да има.

Бектеши очекува благо намалување на цените на основните производи, согласно Одлуката за трговските маржи кој од денеска стапи во сила, но засега е важно, подвлече, и дека нема поскапувања.

Министерот е дециден дека недостиг на храна нема да има никако, ниту ќе се дозволат какви било манипулации со цените за товарот од кризата да падне на грбот на граѓаните.

-Важно е дека нема зголемување на цените како што објавија некои медиуми вчера и завчера, без да ги имаат влезните податоци и пред да се применува мерката. Може да проверите по супермаркети. Убеден сум дека, како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи. Инспеткоратот е на терен, очекуваме благо намалување на цените како што е предвидено со Одлуката, напомена Бектеши.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими пак, денеска смируваше дека стоковите резерви ги имаат потребните количини и тие се доволни, а дополнително и компаниите имаат доволни резерви за да одговорат на потребите на пазарот, затоа нема потреба од паника.

– Државните резерви се класифициран податок и затоа немаме право јавно да го објавиме, но она што е најважно е дека тие да се доволни, и не само државните резерви, туку и резервите што ги имаат компаниите за нивните потреби на пазарот кои, исто така, се доволни. Така што во моментов има доволно резерви и нема потреба од паника. Ние ќе продолжиме со снабдување на државните резерви како што е предвидено во годишната програма, а како Владата ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто, вели Бесими во интервју за „Еуроњуз Албанија“ направено за време на неговиот престој во Лондон.

Поврзани новости