Зад затворени врати, во последен момент, СОНК и Министерството за образование направија спогодбен договор, со што Генералниот штрајк по скратена постапка беше прекинат. Власта успеа на само 24 часа пред најавените протести низ сите градови да го „послуша“ раководството на СОНК и да прифати дел од нивните барања, а тоа е да се стави во мирување екстерното тестирање за следната година во делот со казните и наградите и да се формираат работни групи кои ќе преговараат за платите.
– Успеавме да издејствуваме повеќето од барањата да бидат прифатени, како укинувањето на екстерното тестирање за оваа година. Во јуни ќе се договара нов модел каде што казните ќе бидат драстично намалени. На претходните преговори не сакаа да слушнат за зголемување на платите, а сега се отвори и тоа прашање што е позитивен чекор. Со труд и социјала договоривме исплата на плати по колективен договор. Тоа значи дека ако неговател сега зема 12.000 денари, платата ќе му се изедначи со наставник во основно образование. Едно знам, дека најавите за радикализирање на штрајкот и најавените протести направија притисок врз ресорното министерство – истакна во изјава за „Фокус“, синдикалниот лидер Јаким Неделков.
Ваквата експресна одлука на Советот на СОНК го разлути членството, кои денеска беа подготвени во максимален број да излезат на улиците во градовите во кои што работат и да го изразат своето незадоволство од игнорантскиот однос на владата. Повеќето од нив, за прекинот на штрајкот и продолжување со редовна настава дознаа од медиумите, откако и МОН и СОНК излегоа со официјални соопштенија.
На ова, Неделков вели дека членството нема потреба да му се лути, затоа што успеал да издејствува повеќето од барањата.
– Немавме време да разговараме со сите, затоа што работата ќе се одолжеше и ништо немаше да постигнеме. Нели, нашата цел беше да седнеме да преговараме и да најдеме заедничко прифатливо решение. Тие нѐ игнорираа цело време и ако ние излезевме на протести, а го одбиевме нивното барање за преговори, ќе беше лошо за нас – тврди Неделков.
Според неофицијални информации, на најавените протести денеска се очекувало да излезат професори, наставници, средношколци и родители, а масовна бројка се очекувала и на централниот протест што беше закажан за во петок пред влада. Нашите извори коментираат дека за во петок биле завршени сите подготовки, а на протестот ќе присуствувале Албанци и Македонци, што според дел од професорите е главната причина, зошто на власта не и иде во прилог таков протест, па морале брзо да реагираат.
– Постои голем револт кај членството спрема СОНК затоа што донесоа одлука за прекин на штрајкот, без да не консултираат. Тоа е најболно. Во училиштата во Тетово можам да кажам дека наставниците и професорите Албанци беа единствени и сите штрајкуваа, за ралика од Македонците. Да речеме од 30 просветари, 15 штрајкуваат, другите го бојкотираат штрајкот. Ако се излезеше денеска на протест, во Тетово на улица сигурно би излегле 6.000 наставници, родители, средношколци. Ќе излезеа сите родители на учениците Албанци – коментираат нашите извори од Тетово.
Од таму додаваат дека се сомневаат дека може претседателот на СОНК, Неделков е притиснат, па поради тие причини донел таква одлука, без да го консултира членството.
– Не сме сигурни дека со ваквата постапка, ќе успее некогаш повторно да се организира штрајк – тврдат нашите извори.
Генералниот штрајк на просветните работници траеше скоро три недели. Откако СОНК најави радикализација на штрајкот, министерството за образование попушти во дел од барањата. Просветните работници поддршка за протестите добија од Наставничкиот и Средношколскиот пленум.