Со пет гласа против дневниот ред, пратениците од СДСМ и ДУИ во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ја надгласаа опозицијата и не овозможија да се дискутира за случајот кога собранискиот спикер со пцовки и навреди им викаше на собраниските служби.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која во полн состав дојде на седницата со снимката од собранискиот канал и сведоци на настанот, на прес конференција изјавија дека со ваквиот чекор СДСМ го одобрува однесувањето на Џафери.
ДУИ, пак, го брани нивниот сопартиец и за нив нема ништо спорно во однесувањето на собранискиот спикер. Координаторот на пратеничката група Арбер Адеми вели дека со денешниот неуспешен обид за расправа не и дозволиле на опозицијата да прави театар во Собранието и да реализира теснопартиски интереси.