Власта и опозицијата усвоија десет амандмани за Законот за новото обвинителство

by fokus

Собраниската Комисија за европски прашања на продолжението на денешната седница усвои десет амандмани поднесени на Предлог-законот за јавно обвинителство. Како што информира претседателот на Комисијата, Артан Груби, претстои усогласување на работните групи за преостанатиот 41 амандаман.

–  Вкупно беа поднесени 54 амандмани на Предлог-законот, од кои три беа повлечени и 51 се во процедура. Десет амандмани денеска усвоивме, остануваат уште 41 амандман, изјави Груби.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски по седницата на Комисијата изјави дека ги усовиле оние амандмани за кои досега имале постигнато согласност, во рамки на преговорите со владејачкото мнозинство и претставниците на Владата кои веќе имаат предлог-закон за обвинителство.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ вкупно предложило 14 амандмани на законот за обвинителство, од кои денеска се усвоени четири, иако, како што рече истите не се дел од оние суштински теми во кои имале поголеми разлики.

– Во следните денови ќе работиме на усогласување на заеднички термин за понатамошни разговори, кои се опфатени со амандманите на опозицијата, додаде тој.

Рече дека една од суштинските теми е начинот на избор на обвинителот кој ќе биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со вклучување на Собранието во методологијата на избор.

Поврзани новости