Власта и опозицијата со различен став за бројот на потпретседатели во Собранието

by fokus

Владејачкото мнозинство и опозицијата имаат спротивставени ставови за бројот на потпретседатели на Собранието. Предлогот на СДСМ и ДУИ е Собранието да има петмина потпретседатели, додека ВМРО-ДПМНЕ е на став дека Собранието не треба да има повеќе од тројца потпретседатели.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денеска изјави дека неговата пратеничка група стои на ставот за петмина потпретседатели заедно со оној што законски и следува на најголемата опозициска партија.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека потпретседателските места во Собранието не се фотелји за задоволување на коалициски интереси и дека е потребна финансиска рационалност.„

„Досега Собранието имаше тројца потпретседатели и тоа беше одреден трошок за Собранието. Ако се донесе одлука Собранието да има петмина потпретседатели ќе биде двојно поголем трошок и за Буџетот и за Собранието“, посочи Милошоски.

Според Деловникот за работа на Собранието, бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициска партија.

 

Поврзани новости