Работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство ќе имаат средба до крајот на неделава, до кога и стручните тимови на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават своите предлози и забелешки, а министерката за правда Рената Декоска очекува поддршка од сите пратеници, но сепак напоменува дека носењето на законот зависи од вистинската волја на опозициската партија да ги стави интересите за евроинтеграција, пред оние на некои партиски членови.
За договорената средба до крајот на неделата вчера информираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антионио Милошоски на прес-конференција во Собранието, откако завчера средба имаа Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ, на која се разговараше за можните решенија и одоглавување на дијалогот за законското решение за Јавното обвинителство.
Шансите дали ќе се донесе или не законот за јавно обвинителство, пак, според Декоска зависат од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партски членови за кои се водат постапки сега од редовното обвинителство, а беа почнати од Специјалното јавно обвинителство.
Дескоска вчера пред промоција на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија” на новинарско прашање дали има опција законот да се донесе без ВМРО-ДПМНЕ, рече дека и тоа не е исклучено.
На прашање за нова средба на работните групи, Дескоска одговори дека согласно завчерашниот договор ги очекуваат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и штом ги добијат веднаш ќе закажат средба со работните групи.
-За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите кои се декларираат за евроинтеграција на нашата држава да го поддржат законот, така што оти и таа опција не е исклучена, рече Дескоска.
Ние влегуваме, како кажа министерката, со искрена и добра волја да се донесе тој закон и целиот период истакнувавме и држиме до тој став дека законот што ќе се донесе треба да ги имплементира меѓународните стандарди и да не овозможи амнестија на какво било кривично дело кое што се гони во моментот или е во фаза на истрага или пред истрга.
-Она што го слушам како најави од страна на ВМРО – ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи често пати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО, нагласи Дескоска.
Според неа, евентуално нивните намери во тој дел би се движеле околу предметите на што ги почна СЈО, а ги презеде ЈО и основите за разрешување на обвинителите.
Целта на овој предлог, како што нагласи министерката за правда, беше и е да се создаде капацитетно обвинителство за организиран криминал што ќе ги има сите предуслови вклучувајќи ги човечките капацитети да ги преземе зголемените надлежности кои ги има според овој закон.
Милошоски, пак, изрази надеж дека на средба на работните групи ќе има размена на аргументи на конструктивен начин што, како што рече, ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен, согласно венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.
Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека на самата работна средба што би ја имале со колегите од владејачката коалиција, со нивниот правен тим, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаме дека текстот може да се подобри.
На законот вчера се осврна и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека сите во ЕУ очекуваат да се донесе Законот за јавно обвинителство пред распуштање на Парламентот.
Вицепремиерот оценува дека Франција веќе има поомекнат став, доколку се следат сите изјави на претседателот Емануел Макрон.
– Мислам дека Франција веќе има поомекнат став и тоа ако ги следите сите изјави на претседателот Макрон, ако гледате дека расположението е позитивно и дека единствен услов таму е да се усвои новата методологија. Од нас очекуваат сепак да го донесеме Законот за јавно обвинителство, така што уште еден повик до политичките партии да смогнат сили да го донесеме овој закон пред распуштање на Собранието, подвлече Османи, кој најави дека наскоро ќе го посети Париз.
По серијата неуспешни обиди за договор меѓу влста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата. МИА