Власта бега од прашањата зошто е виновна за „Беса транс“ и болницата што изгоре, обвини опозицијата

by fokus

Поради отсуство на пратениците од власта, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска немаше кворум за расправа. На дневен ред на седницата се Информацијата за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ што се случи во Бугарија и Информацијата за состојбите и преземените активности во врска со расчистување на случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.

-Гледаме дека власта одлучи да не дојде денеска на оваа седница и да не одлучува. Главната цел е да не овозможат дебата со точките кои се однесуваат на правата и слободите на граѓаните, рече претседателот на Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните Халил Снопче. Посочи дека власта прави кворум кога станува збор за делење тендери, задолжувања и отворање на казина, за распределба на пари без критериуми. Додаде дека нема кворум за Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, за несреќите, како автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ и со Модуларната болница во Тетово, каде настрадаа околу 60 луѓе.

Тој информира дека писмено се обратил до Министерството за транспорт и врски, до МВР и до Царинската управа за информации за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ од кои не добил одговор. Кога се обратил втор пат добил писмен одговор од Министерството за транспорт и врски, а одговор не добил од МВР и од Царинската управа.

Членовите на Комисијата беа согласни дека треба да се дискутира за овие теми, а семејствата да бидат информирани што се случило со членовите на нивните семејства и блиски при несреќите.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта бега од прашањата зошто е виновна. Власта, како што рече, нема преземено ништо до денеска. -Тоа значи ја гледа својата одговорност, свесна е дека има некој меѓу нив кој е виновен и затоа не сака македонската јавност да ја чуе вистината, изјави Панова.

Власта, како што нагласи, блокира разгледување на прашања кои се со човечки жртви.

– Скандалозна е денешната постапка, како што избега претседателот на Собранието од расправа за прекршување на Етичкиот кодекс минатата недела, така власта повторно избега денес од разгледување информации за жртвите во автобуската несреќа во Бугарија, каде 46 лица го загубија животот, жртвите во модуларната болница во Тетово, нагласи Панова.

Членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се осврнаа и на модуларните болници, начинот на кој тие се градеа, за нивниот надзор, за тоа кој е одговорен за нив, за материјалите од кои се направени… Исто така посочија дека не се судски и извршни органи и побраа да се дискутира, да се изразат сомнежите и мислењата…

Поврзани новости