Со оставките на министрите од ДУИ, што ќе стапат на сила веднаш по усвојувањето на уставните измени, исполнети се сите услови на Христијан Мицкоски што самиот тој ги постави за неговата партија да поддржи уставни измени, изјави денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
-Мицкоски и ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од Влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори. Се што треба ДПМНЕ и Мицкоски да направат е да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните измени. Во спротивно, ќе покажат дека се несериозни неодговорни пред сопствениот народ и пред иднината на државата, изјави Каевски.
ВМРО-ДПМНЕ пак повтори дека нема да дозволи уставни измени под бугарски диктат кои немаат врска со Копенхашките критериуми и се газење на достоинството на својот народ.
-Оваа власт за жал ниту кога преговараше, ниту кога прифаќаше не изгради национален и државен консензус. Сега сака тоа да го наметне како свршен чин кој Македонија треба да го прифати без поговорно. Оваа власт пропушти толку многу подадени раце од ВМРО-ДПМНЕ. Пропушти толку шанси да избори подобри позиции за Македонија. Сега преостанува само што побрзо да го стават ова прашање на пленарна седница и да се соочат со реалноста дека немаат ниту мнозинство. После тоа следен логичен чекор ќе бидат избори.
ПР финти од типот на коњици не им поминуваат. Кога се срамат името Македонија да го споменат или пак да кажат дека Илинден е македонско востание, уште три коњици да организираат нема да им поминат. Прочитани се, а наскоро и ќе бидат казнети, се вели во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
На Комисијата за уставни прашања се усвоија заклучоците за постапување по уставите измени, каде ВМРО-ДПМНЕ гласаше против. За на 18 август закажана е дебата за потребата од уставните измени. Собранискиот спикер, Талат Џафери најави дека доколку не се обезбеди 2/3 мнозинство , ќе го одложи гласањето.