Владо си ја отвори душата: Предолго сум останал кај што не требало да ме има!

by fokus

Музичарот и кантавтор Владо Јаневски (64), си ја отвори душата во свој стил, преку авторска песна за која ги напишал стиховите и музиката, а која ја промовираше на музичкиот канал Јутјуб завчера.
Станува збор за песната ,,Твој засекогаш” со аранжман на Никша Братош, снимена во НБ студио во Загреб и во Ентерпрајз во Скопје.

-Премногу сум давал на некој кој не знаел да прима, предолго сум останал кај што не требало да ме има. Околу срце дигнав бедеми, никој да не ме повреди, а дојде ти и без збор ме убеди во себе да те пуштам и во љубов пак да верувам, пее Јаневски во најновото музичко остварување.

Инаку, музичарот кој веќе неколку години наназад е преселен во Гевгелија, требаше да одржи голем концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје кон крајот на декември 2024 година. Истиот беше откажан поради неговата здравствена состојба, но и поради технички проблеми, информираа тогаш организаторите, Авалон Продукција.

Тој е активен на сцената повеќе од 30 години, а се стекна со голема популарност на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, како дел од дуото ,,Ластовица”. Потоа продолжи со соло кариера и до денес има редовни настапи во локали и на разни манифестации.

Вики Клинчарова

Поврзани новости