Популарниот чаирски романтичар, поп пејачот Владо Јаневски, повеќе од шест децении живот во Чаир, Скопје, каде што е роден, се пресели во Гевгелија.
Музичарот кој годинава ќе наполни 62 години, веќе извесен период живеел во стан во Гевгелија, а за животот таму има само пофални зборови.
-Мислев дека ќе ми биде убаво во Гевгелија, не знаев дека до толку ќе ми биде убаво, изјави тој во утринската емисија кај Вера Мештеровиќ, потврдувајќи ја веста дека не живее повеќе во Скопје.
За животот во помал град, раскажа дека е многу смирувачки за него, луѓето биле кротки и нашол спокоен живот.
-Токму тоа ми треба за баланс во глава. Не дека имам многу пријатели таму, имам мирен живот, во станот имам гитара, кога ми треба клавир за компонирање на нова музика, одам во казиното Фламинго, тамошниот менаџмент ми дозволува да го користам нивниот клавир.
Во Скопје доаѓам за гостувања во емисии или на концерт, но прва мисла ми е враќањето во Гевгелија.
Спокојниот, мирен живот таму е спротивност на шоу бизнисот – откри Јаневски.
Неодамна тој ја промовираше новата песна,,Љуби, љуби”. Раскажа дека песните ги снима на македонски, но и на хрватски јазик, за тамошниот музички пазар.
Во текот на неговата децениска кариера, го следеше епитетот чаирски романтичар, а за, како што велеше, неговиот Чаир, го напиша хитот ,,Чаирска романтика”, песна која и денес се слуша.
Вики Ккинчарова