Со настап на кантавторот Владо Јаневски, Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), ќе прослави 33 години од постоењето.
Забавата ќе се одржи на шести ноември со почеток од 20 часот во Трибека, Скопје, а настанот ќе има и хуманитарен карактер.
-Ќе споделиме спомени, ќе ги прославиме досегашните успеси и ќе наздравиме за нови победи!
Во духот на социјалдемократските вредности, забавата ќе биде од хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани кадешто е најпотребно.
Заедно можеме да направиме разлика, затоа што има многу подмладоци, но само една е младина, порачаа од СДММ.
Инаку, Владо Јаневски пролетва беше вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и пееше на граѓанските собири по повод претседателските избори.
Тој и за време на изборите во 2019 година пееше на митинзите за Стево Пендаровски како кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата.
Во минатото пак, пееше на митинзите на ВМРО ДПМНЕ. Во 2013 година, Јаневски стоеше зад песната ,,Напред” која беше една од химните на ВМРО, и ја изведуваше на митинзи, се додека песната не беше повлечена од музичкиот канал Јутјуб, бидејќи рускиот пејач Олег Газманов обвини дека ќе покрене постапка за плагијаторство на неговата песна ,,Москва”.
Тогаш и неговиот менаџер Филип Роса се огласи за македонските медиуми, со изјава дека никој од нив не побарал и не добил одобрение за преработка на песната, па најавија дека ќе се обратат до меѓународниот суд. Нема официјални информации за разврската, а Јаневски тогаш не одговараше на новинарските прашања на темата.
Вики Клинчарова