Балканската музичка ѕвезда Владо Георгиев вчера имаше настап во локал во Ист Гејт во Скопје. Предновогодишната, популарно наречена ,,after work” забава со музичарот помина во еуфорична атмосфера, а традиционално, на неговите концерти секогаш женската публика е најбројна.
Од гостувањето во Скопје, тој објави и видео снимка на својот профил, под која коментираше дека Скопје има микро клима. На истата се гледаат возбудените девојки кои се туркаат пред него, во еден глас ги пеат неговите романтични балади, но и возбудено врескаат на секое негово обраќање.
Георгиев секогаш бил миленик на женската публика, но и чест гостин во земјава. Лани во октомври, неговото гостување во локал во Скопје предизвика бурни реакции, бидејќи за време на настапот беа прекршени протоколите за заштита од ковид-19, а етерот беше исполнет со видео снимки на кои се гледаа стотици гости без маски и дистанца, кои се забавуваа додека тој им пееше.
Тогаш Пазарниот инспекторат издаде решение за затворање на локалот, а истиот доби и кривична пријава.
Набргу по јавните реакции од тогашниот настап на пејачот, беше воведена забрана за музички настапи во сите локали во земјава. Наши музичари револтирано реагираа, и го посочуваа неговиот настап како капка која ја прелила чашата. Го обвинија дека поради него е воведена забраната, па дури и дека тој е виновникот што на сите им беше забрането да настапуваат и заработуваат.
Инаку, Георгиев (45) е израснат во Црна Гора, а потоа се преселил во Србија. Има снимено три албуми, од кои последниот ,,Далечина” го издаде во 2013 година. Со неговата партнерка Милица имаат две ќерки.
Вики Клинчарова