Денеска на покана на премиерот Заев во Владата се одржа средба на претставници на сите политички партии кои го сочинуваат парламентарното мнозинство во Парламентот.
-Сите партнери од парламентарното мнозинство беа присутни на средбата и изразија поддршка на влада од ова парламентарно мнозинство. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.
Заеднички се констатираше дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции на Северна Македонија, соопштуваат од Владата.
Додаваат дека коалиционите партнери од парламентарното мнозинство биле едногласни дека на Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување.