Новото издание на Бугарската академија на науките (БАН) „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“е најобичен памфлет, со кој се прави обид за попречување на афирмацијата на македонскиот јазик во меѓународни рамки, особено во НАТО и во ЕУ. Ова е ставот на Советот за македонски јазик при Владата по повод изданието на БАН, потпишано од дванаесет автори и шест надворешни консултанти, под раководство на проф. д-р Васил Николов.
„Нашата заедничка реакција е содржана во едноставната реченица: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик! За жал, овој материјал покажува едно неевропско однесување во 21 век, време кога народите во ЕУ и надвор од неа се сплотуваат и се трудат да ги релаксираат сите белези од минатото што можат да предизвикаат непријатни чувства“, – се нагласува во реакцијата.
Во реакцијата потпишана од претседателот на Советот, проф. д-р Људмил Спасов, се посочува дека Советот за македонски јазик при Владата на Северна Македонија се придружува кон сите напредни институции и луѓе во Европа и во светот што градат пријателство и соработка меѓу државите и народите и, ценејќи ја големината на бугарската култура, Советот ја повикува демократската бугарска јавност „да го отфрли овој памфлет од низок стил“.