Владиниот генерален секретаријат месецов, во период од десетина дена, објавил 4 огласи за вработување на вкупно 18 лица на разни позиции.
Според податоците од Агенцијата за администрација, која ги води постапките за вработување во државната администрација и јавниот сектор, огласите се објавени во периодот од 11 декември до денес, така што два од четирите огласи се објавени на ист ден – 20 декември.
Имено, генералниот секретаријат во рамки на Владата, според првиот активен оглас за вработување објавен на 11 декември, бара еден виш соработник за организациона поддршка и еден виш соработник за стручно-административна и оперативна поддршка.
Понатаму, преку двата огласи (1 и 2) објавени на 20 декември, владата бара вкупно 10 луѓе, меѓу кои советник за анализа и истражување, соработник за конкурентност и соработка со меѓународната заедница, самостојни референти за видео-монтажа, за архивски работи, за фотографија, за оддржување и за видео-архивирање, како и помлади соработници за истражување и анализа на пазари и за организациона поддршка.
И, со последниот оглас објавен денес, на 23 декември, се бара и советник за унапредување на регулатива, самостоен референт за архивски работи и помлади соработници за оперативно-логистичка поддршка, за истражување и анализа и пазари, за информирање и интернет-комуникација и за оперативна поддршка.
Во однос на прашањето на Фокус дали овие вработувања се планирани и колку тие се во склоп на принципот за добро владеење, со оглед дека се случуваат непосредно пред да профункционира техничката влада за спроведување на изборите во април, владиниот генерален секретар Драги Рашковски вели:
„Сите вработувања се во рамки на предвидениот план за вработување за 2019 година„.
В.С.