Владиниот агент Џонова: Одлуката на Стразбур за аболицијата ќе биде објавена на 16 февруари

by Fokus

Дека за две недели, поточно на 16 февруари, ќе биде објавена одлуката на Судот за човекови права во Стразбур, за аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов, за „Фокус“ потврди и Даница Џонова, владин агент од Бирото за застапување на Р.Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

-За дел од предметите за кои се интересирате има најава за објава на 16 февруари, на интернет страницата на Судот за човекови права во Стразбур, ни изјави Џонова.

Според процедурата, и двете странки во постапката, и подносителите на тужбите и Бирото за застапување, неколку дена предвреме се известуваат за датумот на објавување на одлуката, а клучната информација ќе ја дознаат на денот на објавувањето.

Европскиот суд тогаш ќе даде одговор дали предметите на СЈО ќе преживеат и судењата кои се во тек, ќе продолжат без пречка, или сѐ ќе падне во вода, односно ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети, а обвинетите и осудените ќе бидат прогласени за жртви, на кои државата дури ќе треба да им плати и обесштетување. Или, накратко кажано, Судот во Стразбур ќе треба да пресече дали „космодиск аболицијата“ на експретседателот Ѓорге Иванов сѐ уште важи, иако изгледаше шашаво.

КАКО ПОЧНА СЕ

Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.

Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.

За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече. Министерството за правда пак не сакаше да се спогоди со апликантите и тврдеше дека аболицијата е незаконска и неуставна, иако е акт на претседател на држава.

Инаку, сѐ започна на 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Иванов се огласи во јавноста со информацијата дека аболирал вкупно 56 лица, меѓу кои Никола Груевски, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска…, повикувајќи се на членот 11 од Законот за помилување.

Уште не ги дочита помилуваните, а веќе на нозе се крена стручната јавност, која потсети дека овој член е избришан од правниот поредок и дека не може да воскресне!

Членот 11 беше „жив“ сѐ до 2009 година, кога беа донесени законски измени со кои беше избришан. Измените на Законот беа направени по барање на тогашната влада раководена од ВМРО-ДПМНЕ, која тврдеше дека членот 11 му овозможувал на претседателот да се меша во судската власт, бидејќи на тој начин Бранко Црвенковски го спаси Зоран Заев од кривичен прогон, а за време на аферата „Големото уво“ во 2001 Борис Трајковски ја аболираше Доста Димовска. Идејата беше претседателите во иднина да не го користат овој член за спасување на свои партиски приврзаници или друг вид соработници.

Членот 11 седум години беше „мртов“, дури и заборавен, но неочекувано на сцената се појави Уставниот суд за да му го подготви теренот на Иванов и од нигде-никаде ги укина измените на Законот од 2009 година. Само еден месец подоцна, Иванов и неговите политички партнери протолкуваа дека Уставниот суд со оваа одлука го воскреснал членот 11 и старото законско решение е вратено во сила.

По еден месец голем притисок на домашната и меѓународната јавност, претседателот Иванов повторно се јави во јавноста за да соопшти дека ја повлекува дадената аболиција. За многумина денес изгледа дека овој потег бил мудро предвиден. Дополнувањето на Законот, со член 11-а беше изгласано на 19 мај 2016 година по скратена постапка, на барање на пратениците Илија Димовски и Талат Џафери, со образложение Иванов да може ја поништи аболицијата во рок од 30 дена.

ДЕЛ ОД СЛУЧАИТЕ ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ ЌЕ ПРЕЖИВЕАТ

Во случај Стразбур да одлучи во полза на екс функционерите, сепак дел од предметите на СЈО ќе преживеат.

Па така, на пример, бегалецот Груевски добил седум решенија потпишани од Иванов, кои половично ќе му завршат работа доколу Стразбур одлучи во негова полза.

Но ова не значи дека Груевски во таков случај веднаш би се вратил во земјава, бидејќи ќе треба да влезе зад решетки и да одлежи ефективна казна од две години за набавката на луксузниот мерцедес од 590.000 евра, односно за случајот „Тенк“. Овој случај не е опфатен со аболицијата.

За предметот „Титаник“, или за изборните нерегуларности на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се гони за три кривични дела, но и да помине аболицијата со сигурност би продолжило да му се суди барем за едно дело кое не е опфатено со решенијата. Исто така поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не би се спасил ниту за „Талир“ и „Талир 2“, за кои немаше аболиција.

Сепак, Груевски би куртулил од случајот „Насилството во Центар“, за кое беше осуден на една и пол година затвор.

Позитивна одлука на Стразбур не би ја спасило ниту Јанкулоска за случајот „Тенк“, за кој одлежува 4-годишна затворска казна, бидејќи кога Иванов ја раздаваше аболицијата, овој предмет сѐ уште не постоеше.

Затворската казна би продолжил да ја издржува и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи и овој предмет не беше опфатен со аболицијата.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости