Владата упати задолженија со насоки и препораки до институциите, економските оператори и граѓаните, со кои го прецизира спроведувањето на oдлуката со која од задутре се воведува дополнителна забрана за движење на граѓаните, односно се продолжува полицискиот час на целата територија на државата.
Вработените во државните органи, агенции, фондови, бироа, заводи, претпријатија во Скопје, кои не живеат во главниот град и секојдневно патуваат на работа, од задутре треба да бидат упатени да работат од дома, a министерствата и останатите органи на државната управа да го прилагодат работното време согласно со забраната за движење.
Министерството за здравство, пак, треба веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на државата.
Владата ги задолжи општинските кризни штабови да определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на државата, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време во деновите сабота и недела.
Економските оператори што имаат производствени капацитети треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес.
И за оваа мерка важат исклучоците за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на РСМ, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини…
Како што објави претодно денеска на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски, со Одлука на Владата од задутре се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.