Владината помош за Ковид кризата се делела без критериуми и без контрола

ДЗР изврши ревизија на владините мерки за справување со последиците од Ковид кризата.

by fokus

Отсуство на интегриран систем на евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка, намалена транспарентност и отчетност во спроведувањето на економските мерки и неможност да се следат целосно ефектите за ефикасно заздравување на домашната економија, утврди Државниот завод за ревизија при извршената ревизија на економските владини мерки за за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.

За ублажување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, Владата во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година донесе шест пакети на економски мерки, со кои се опфатени и поддржани деловните субјекти од јавниот и приватниот сектор и граѓаните.

Мерките кои предизвикуваат расходи, односно имаат директни фискални импликации врз Буџетот биле во вкупен износ од 35.409.940 илјади денари, односно околу 576 милиони евра.
Заклучно со 29.10.2021 година реализирани се средства во вкупен износ од 24.948.428 илјади
денари, односно приближно 427 милиони евра.

На ревизијата не и била доставена анализа врз основа на кои параметри Владата утврдила дека одредени сектори се најпогодени од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Во рамки на владината Програма П1 во месец ноември и декември 2020 година, како дополнување на четвртиот пакет економски мерки за справување со кризата,  исплатени се средства во вкупен износ од 1.049.705 илјади денари , односно над 17 милиони евра.

Од нив 87% се финансиска поддршка за државниот сектор (јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, единици на локална самоуправа), додека 13% се финансиска помош за приватниот сектор .

Со извршениот увид во Одлуките и доставената финансиска документација, ревизорите констатирале недоволна транспарентност при доделувањето на средствата за финансиска поддршка, распределба без утврдени критериуми за изборот на институции и општини, без критериуми за износот на одобрените средства, неутврдени намени за кои треба да се искористат средствата, како и неизвршени контроли.

Дел од институциите доделените средства во износ од 67.780 илјади денари , ги искористиле за исплата на плата за вработените, без законски основ.

Исто така основот за доделување на дел од средствата од програмата П1 не соодветствува со основната цел на финансиска поддршка и се доделени за: реконструкција на Универзална сала, набавка на механизација и товарни возила, подмирување на обврски настанати пред периодот на прогласување на пандемијата.

 

 

Поврзани новости