Владина делегација на свечената Велигденска литургија во соборниот храм Св. „Климент Охридски“

by Fokus

Владина делегација во состав заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, денеска присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје.

Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

-Повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот. Љубовта е единствениот лек против злото, порача меѓу другото, поглаварот на МПЦ-ОА пред верниците.

Членовите на владината делегација на крајот од Велигденската служба му го честитаа празникот на Архиепископот Охридски и Македонски на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и на присутните свештеници и верници со традиционалниот Велигденски поздрав „Христос воскресна – навистина воскресна“, информираа од владината прес-служба.

Фото: Независен

Поврзани новости