Владимир Кара-Мурза: ослободениот затвореник го опишува животот во најстрогиот затвор во Русија

by Fokus

Политичкиот затвореник Владимир Кара-Мурза е на слобода по две години, од кои 11 месеци помина во самица – во еден од „најсуровите руски затвори“.

Тој го опиша затворскиот живот како „бесконечен, бесмислен и потполно ист“, слично на филмот „Ден на громот“.

„Пред само неколку недели, бев апсолутно сигурен дека ќе умрам во гулагот на Путин“, изјави тој вчера за „Вашингтон пост“.

Кара-Мурза, руски писател и активист, беше еден од 24-те затвореници ослободени на 1 август, во најголемата размена на затвореници меѓу Русија и Западот од Студената војна.

Тој е и британски државјанин, а беше уапсен во 2022 година бидејќи јавно се спротивставил на инвазијата на Украина.

Тој беше во затвор во Омск, кој го опиша како еден од најстрогите во земјата.

Неговиот ден започнувал во 5 часот наутро по локално време во мала ќелија со димензии 2 на 3 метри.

„Сè беше испланирано – од оброците до прошетките, до исклучувањето на светлата. Поголемиот дел од денот го поминуваш зјапајќи во ѕидот. Само седите во ќелија и во основа не правите ништо“ – се сеќава тој.

Му дале пенкало и хартија и му дозволиле да пишува по 90 минути секој ден.

„Ова е садистичко правило, особено за некој чија професија е пишувањето“, рече тој.

Кара-Мурза помина 11 месеци во самица.

Според правилата на Обединетите нации, притворот се смета за тортура доколку некое лице се држи без човечки контакт повеќе од 22 часа на ден, најмалку 15 последователни дена.

Не смеел да разговара со семејството на телефон, а со сопругата разговарал само еднаш во двете години колку што бил во затвор.

„Навистина не е лесно кога сте целосно лишени од каков било човечки контакт“, рече тој.

За да го помине времето, тој секојдневно читал и учел шпански.

Тој потсетил дека од затворениците редовно се барало да го наведат приближниот датум на ослободување, имињата и броевите на ќелиите.

Неговиот, кој никогаш нема да го заборави – бил 21 април 2047 година.

Кара-Мурза рече дека три работи го развеселувале додека бил во затвор: христијанството, неговото искуство како историчар и знаењето дека „тој бил во право“.

„Навистина ми беше важно што знаев дека сум во право. Исто така, знаев дека вистинските криминалци се оние кои ја водат оваа агресивна војна против Украина, а не ние кои јавно зборувавме против тоа“, рече тој.

Двете недели што ги живеел од ослободувањето тој ги опиша како „надреални“.

„Нашето ослободување, исто така, им дава надеж на сите оние што сè уште гнијат во гулагот на Путин“, рече тој.

 

 

Поврзани новости