На бројни осуди наиде изјавата на владиката Петар во велигденското послание каде ја нападна родовата еднаквост нарекувајќи ја отровна и погубна. Неговите застарени сфаќања дека местото на жените им е во домот и покрај децата предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи. Не само жени туку и мажи застанаа во одбрана на правата на жените. Овој владика веќе со години ја шокира јавноста со неговите изјави и потези, а последен од низата е најавата дека ќе отвора телевизија.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“, рече владиката Петар во своето видео обраќање.
Тој го нарече невкусен транспарентот од осмомартовскиот протест со кој се порача токму црквата да ги тргне рацете од женските права. Во својот говор владиката се осврна и на феминизмот истакнувајќи дека во минатите векови, до неговата појава и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка.