Во 18 часот утре пред Мисијата на Европската Унија во Скопје ќе започне протестниот марш против промена на името, кој го организира Светскиот македонски конгрес.
Како што информираат организаторите, пред ЕУ Инфо центарот ќе се прочита протестна нота до ЕУ, НАТО и ООН, а од таму протестниот марш ќе се движи по булевар “Свети Климент Охридски“ и булевар “Димитрие Чуповски“ до Собранието на Република Македонија.
Организаторите најавуваат дека пред Собранието ќе се обрати по еден претставник од македонските заедници во Германија, Франција, Италија и Швајцарија, потоа Сотир Костов, проф.д-р Виолета Ачковска, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и Неговото Високопреосвештенство г. Агатангел, кои ќе го предводат маршот од ЕУ до Собранието.
„Македонците во таковината и во светот бараат: (1) безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија со можносст за употреба на уставната додавка Република како јасна разлика од истоимената северна провинција на Грција и југо-западна провинција на Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик, туку на англиски јазик Republic of Macedonia, меѓународниот код МК односно МКД; (2) повлекување на Законот за употреба на јазиците; (3) поништување на Договорот Заев-Борисов; (4) итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година; и (5) итно ослободување на Едмонд Темелко од обвинение и домашен притвор“, велат организаторите.
Доколку Владата не ги прифати барањата, организаторите бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори.
„Македонците во татковината и во светот отфрлаат референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!“, додаваат од таму.