Откако вчера Владата донесе забрана за одење на гробишта викендов на целата територија, поради пандемијата со Ковид-19, денес од Повардарска епархија, на чие чело е Митрополитот Агатангел, ги повика верниците во петок и во сабота да доаѓаат во храмовите.
-Штом не може на гробишта поради пандемијата, тогаш во храмовите, понесете си варена пченица, црвено вино и список со имињата на починатите- повикуваат во соопштението на епархијата.
-Со оглед на новонастаната состојба во нашата држава, а заради панедмијата со Ковид – 19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните –Духовденска Задушница, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 ( петок) и 06.06.2020. (сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите ( дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.
Во тој спомен на нашите претходно упокоени на ден 06.06.2020(сабота) со почеток од 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа ве покануваме достоинствено да им оддадеме почит на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа – пишува во соопштението на Повардарската Епархија.
Вики Клинчарова