Партијата за движење на Турците, која е дел од парламентарното нозинство предводено од СДСМ, одлучи да ја напушти коалицијата на локално ниво во Радовиш, поради, велат од таму, незадоволителен однос кон турската етничка заедница во овој град. Претседателот на ПДТ, Енес Ибраим, кој е пратеник во парламентот, вели дека засега остануваат во коалиција со СДСМ на централно ниво.
-Ние се боревме против режим и сега нема да дозволиме некои локални шерифи да го газат достоинството на Турците во земјава. Како пратеник, засега останувам во парламентарното мнозинство, ама за понатаму се отворени сите опции. Наскоро треба да донесеме одлука за одржување партиски конгрес, пред локалните избори, каде што ќе се носи и одлука за тоа дали остануваме дел од владејачката коалиција – изјави Ибраим за 360 Степени.