Владата на денешната седница донесе одлука за забрана за пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“ после 18 часот, собирање во група на повеќе од пет лица во паркови и на други јавни места и јавни површини и одржување на наставата и спроведување на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи за период од 14 дена.
Воедно, владата го задолжила Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.
Како што соопштија од владата, во борбата против корона вирусот се препорачува сите работодавачи, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.
„Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите“, информираат од Илиненска.