Владата вели дека напредува изградбата на нов културен дом во Тетово, досега од буџетот се исплатени скоро 22 милиони евра!

Веднаш по објавувањето на второто продолжение од истражувањето на „Фокус“ за новиот културен дом во Тетово, во кое, меѓу другото, се презентираат податоци дека се водела истрага за тендерот за изградба на објектот, додека во постапката за внатрешно опремување била елиминирана конкуренцијата од странство и се одржала симболична аукција, вицепремиерот Артан Груби се пофали дека процесот напредува. Според него, работите од втората фаза се одвиваат според предвидената диманика, откако, како што истакнува, биле отстранети претходните пречки. Истовремено, добивме одговор од Министерството за култура дека за проектот кој треба да биде комплетиран во 2026 година досега се издвоени 21,7 милиони евра.

by Фокус

„Напредува процесот на изградба на објектот на Театарот и Библиотеката во Тетово. Изградбата на дел од фасадата е завршена, а работите од втората фаза продолжуваат со соодветната динамика. За време на овој мандат успеавме да ги отстраниме многу од претходните пречки и веќе обезбедивме конзистентен работен процес за квалитативно завршување на овој капитален проект“.

Со ваков статус на Фејсбук вчера се огласи првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, што следува веднаш откако „Фокус“ ја објави втората сторија во рамки на истражувањето за децениската градба на новиот културен дом во Тетово, кој, кога ќе се соберат сите договори за изведба, опремување, (ре)проектирање, надзор,  достигнува, т.е. треба да достигне сума од над 36 милиони евра.

Децениска сага за нов културен дом во Тетово: Истрага за изградбата на објектот, тендер за опремување со елиминирана конкуренција!

Инаку, овие средства ги префрла Владата преку Министерството за култура, додека постапките ги спроведува Н.У.Ц.К. „Иљо Антески Смок“. Уште пред 2 седмици се обративме до Илинденска, каде прашавме колку средства досега обезбеди и намени Владата за изградба на овој објект, дали се врши увид и контрола врз начинот на кој тие се трошат, како и врз динамиката и степенот на реализација на проектот?

Во текот на вчерашниот ден, ни стигна одговор од Министерството за култура, од каде информираат дека досега за изградба на нов објект во Тетово кој ќе биде наменет за театар и библиотека издвоени се вкупно 1,335 милијарди денари или 21,7 милиони евра од буџетот. Од таму посочуваат дека се работи за еден од приоритетните капитални инвестиции.

Проектот се спроведува од страна на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, и како инвеститор на овој објект врши увид и контрола на реализацијата и динамиката на проектот. Од информациите кои редовно ги добива Министерството, од следењето на реализацијата на Инвеститорот, доставува Информации до Владата. Според задолжението од Владата за реализација на договорот, истиот треба да заврши до 2026 година“, велат од Култура.

Во првата сторија објавивме дека финансиската полиција отворила истрата за договорот со тетовската компанија „Урбан План Конструктион“ од 13 милиони евра за градежно-занаетчиски работи на објектот, кој почна да се гради во 2014 година со ветување дека ќе биде готов за 3 години, но изградбата заврши во 2019 година. Исто така, во 2018 година е запленета и документацијата од постапките за нарачка на проект и за ангажман на ревидент.

Имено, во 2012 година „Н.У.Ц.К „Иљо Антески Смок“ склучува договор со тетовското друштво „Архинг Гроуп“ за „изработка на техничка документација“, во вредност од 442 илјади евра, додека ревизијата на проектот ја правел „Градежен институт Македонија АД“ за 44 илјади евра. Во меѓувреме, во 2015 година, бил склучен договор и со „Бесиан Мехмети Архитецтс“ за измени и дополнувања на проектната документација, во вредност од 73.000 евра.

Надзорот врз изградбата на објектот, пак, го вршела „Мегарон Инжинеринг“, која во 2015 година склучила договор од нецели 2 милиони денари, иако проценетата вредност на јавната набавка била 9,4 милиони денари. Истата фирма во 2018 година го добила и тендерот вреден 4,5 милиони денари за проектна документација за внатрешно уредување, иако, како што велат од „Архинг Гроуп“, кога го правеле првичниот проект за објектот во партнерство со „Светлост Театар“ од Белград, српската фирма го проектирала ентериерот.

Како и да е, во 2021 година, се склучува договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот со уште една тетовска компанија – „НБ-Компани“ или „НБ-Цомпану“, што е трет највисок договор за јавна набавка склучен во таа година. Овој договор бил склучен во постапка со елиминирана конкуренција и безмалку симболична аукција. На денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни.

Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, која заедно со внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети – Дрин Ахмети, го купи деловниот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје. Притоа, „Пе-Вла-Ку“ настапил во конзорциум со „Урбан План“, која го изгради објектот. Меѓутоа, нивната понуда била отфрлена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки оценила дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“.

ТЕНДЕР, ПА КУПОПРОДАЖБА

Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала и „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. И покрај тоа, Комисијата оценила дека австрискиот гигант не доставил документи за субјектите со кои соработувал во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката. Во таков случај, евалуацијата ја минале само тетовските „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“.

Тиа на лицитација отишле со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите, но Комисијата побарала објаснување за невообичаено ниските цени. Потоа, била извршена корекција на понудите, така што првичната понуда на „АК-Инвест“ станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ станала 1.230.545.077 денари.

Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена. Од „АК-Инвест“ велат дека имале „црвена линија“ под која не сакале да се наддаваат, а од „НБ-Цомпану“ не добивме одговор.

Во продолжението на оваа сторија, објавено во најновиот број на неделникот „Фокус“, откриваме дека во текот на оваа 2023 година, или на половина од реализацијата на милионскиот договор на „НБ-Цомпану“ за опремување на новиот тетовски културен дом (2021-2025), поврзана компанија купула 2 бензиски станици покрај автопатот Скопје-Тетово. Станува збор за „Ган-Логистик“, во сопственост на газдите на „НБ-Цомпану“ Бурим Ибиши и Насер Ибиши, како и на поранешниот службеник и раководител во Општина Тетово Кренар Ибраими.

Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека годинава „Ган-Логистик“ купила недвижен имот пред влезот во главниот град од 2 компании. Едната од нив е добро познатата нафтена компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, која снабдува со нафта бројни државни институции и органи. Другата компанија, пак, е градежната „БИ Холдинг“, во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска.

Прво, на 23.03.2023 година бил склучен договор, со кој „Ган-Логистик“ од „Пуцко Петрол“ купува недвижен имот на катастарските парцели 204/1, 215, 197, 173, 172, сите во катастарска општина Арнакија. Земјиштето е со вкупна површина од 14.610 квадратни метри, но на него има деловен простор – комплекс бензиска станица со површина од 406 квадрати. За тоа тетовската компанија платила 3.776.000 евра.

Неколку дена подоцна, или на 29.03.2023 година, „Ган-Логистик“ склучил договор и со „БИ Холдинг“, со кој опфатени се уште неколку парцели во истата катастарска општина: 210, 206/2, 214, 203 и 199. Вкупно, земјиштето е 5.716 квадратни метри, а на него има деловен простор, односно бензиска станица од 351 квадрати, кои тетовската компанија ги купила за идентична сума од 3.776.000 денари со вклучен ДДВ.

На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 евра, што ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште што оди во пакет со 2-те бензиски станици.

Откако тетовската „НБ-Компани“ доби милионски тендер за опремување на новиот културен дом, сестринската „Ган-Логистик“ купи бензиски од семејни фирми на пратеник!

Вреди да се потенцира дека бензиските станици како имот ги поседува „Ган Логистик“, но функционираат како дел од „НБ-Цомпану“, која во септември соопшти дека во нивни рамки почнала да функционира нова, т.е. 4-та бензиска станица на автопатот Скопје-Тетово. Претходно, пак, во јули истата година, компанијата соопшти дека со работа почнува нивната трета бензиска на истата автопатска делница.

Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт средства, сепак, најголем недвижен имот поседува сестринската „Ган Логистик“, која има само двајца вработени. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензиски, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости