Владата утре ќе дискутира за предлозите на трговците и ќе разгледа дополнителни можности

by Fokus

Владата на утрешната седница ќе отвори дискусија и ќе разгледа дополнителни можности, по што ќе заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат за ограничување на цените на одредени групи производи во малопродажба.

– Согласно договореното до Министерството за економија и труд се пристигнати неколку предлози од страна на трговците, некои од нив се однесуваат на ограничување на маржата, додека други на намалување на цените на основните прехранбени производи. Владата на утрешната седница ќе отвори дискусија, ќе разгледа и дополнителни можности и ќе се заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат, информираат од владината прес-служба.

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи.

Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората.

Членот на Комората, Даница Блажевска од Рептил маркети во петокот по средбата во Министерството изјави дека претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи зашто со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, заради што, како што рече, не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните. Порача оти сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи, кои се најнеопходни за секојдневното живеење, кое ќе биде видливо за граѓаните.

Поврзани новости