Владата тврди дека не се мешала во работата на Комисијата за историски прашања

by Fokus

Владата соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија и дека „напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа“.

– Категорично отфрламе каква било инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество, наведува владината Прес-служба.

Во соопштението се додава дека професорот Ванчо Георгиев само пред една недела „го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“.

– Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Георгиев си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, додава Владата во соопштението.

Поврзани новости